Дали Тут-Ком Прилеп е подготвен за годинашниот откуп?

sug011114Горан Сугарески – Пратеник

Почитувани граѓани,
Со неколкуте одлуки на Владата на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ во изминативе 8 години долгот на Тут – Ком Прилеп кон државата се претвори во траен влог, а процентот на сопственост во Комбинатот драстично се промени на штета на вработените и акционерите.
Во моментов, процентот на сопственост во Тут-Ком на акционерите изнесува под 10 %, додека Владата е мнозински сопственик и газдува со околу 90% од капиталот.

Пред 8 години, кога ВМРО-ДПМНЕ го превзеде управувањето во Тут-Ком, вработените акционери и останатите акционери беа сопственици на 55,35% од Тут – Ком а Владата на 35,51 % од капиталот.
Виновник за ова драстично менување на сопственичката структура и уништување на Тутунски-Комбинат е Владата на Никола Груевски и нивната погубна економска политика. Тој дозволи, поставување на неспособни партиски кадри во менаџерските тимови кои во изминативе 8 години направија загуби од над 80 милиони евра и огромен долг кон државата.
Заради ваквото уништување комбинатот, а особено заради ланскиот случај кога, наспроти лажните ветувања на Никола Груевски за навремен откуп на тутунот со просечна цена и до 200 ден и кога Тутунскиот Комбинат Прилеп ги затвори вратите среде откупна сезона, следуваат неколку логички прашања:
-Дали Тут-Ком Прилеп е подготвен за откупот на тутунот од реколтата 2014 и не?
-Дали има обезбедено финансиски средства за откуп на договорените количини од околу 3 милиони килограми тутун?
Имено за оваа реколта, според законското решение, Тут-Ком Прилеп може да добие лиценца за откуп на договорените количини тутун, исклучиво доколку на наменската сметка има депонирано околу 8 милиони Евра, или во висина на договорената количина на тутун по ланската просечна откупна цена.
-Бидејќи се работи за државна компанија, јавноста треба да знае, дали Тут-Ком Прилеп го продаде откупениот тутун од минатите реколти и колкав профит оствари од продажбата на тутунот од последната реколта?
На крајот, дали некој ќе понесе одговорност за катастрофалното работење во Тут-Ком Прилеп?
Благодарам.