DSCN7942 resizeДејан Тошески — Претседател на надзорен одбор на ОО СДСМ Прилеп, тутунопроизводител 

Почитувани,
Откупот на тутунот од оваа реколта е при крај, а нашите информации од теренот кажуваат дека околу 2 милиони килограми тутун сеуште стојат неоткупени во пелагонискиот регион.
И покрај нашите добронамерни апели, Груевски и власта да изготват план за навремен откуп на целото количество тутун од оваа реколта, вклучително и за вишокот произведен тутун за кој производителите немаат договори, власта остана глува и не превзеде ништо да спречи пропаѓање на голем дел од маката на тутунарите!


Бидејќи преостануваат уште 20-на денови од законскиот рок за откуп на тутунот, уште повеќе заради моменталната лоша динамика на откуп, прашуваме:
Кој ќе сноси одговорност за преостанатиот неоткупен тутун, и кој ќе им ја надомести штетата на тутунопроизводителите?
Последниве денови сведоци сме дека просечната цена на откупениот тутун опаѓа и се движи од 140 до 150 ден за килограм. Ова значи дека повеќето тутунопроизводители, спротивно на просечната цена ветена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе земат во просек околу 60 ден (или по 1-но евро) помалку. Впрочем, толку изнесува и субвенцијата, што предвреме им е потрошена.
Да потсетиме, токму од Прилеп премиерот Груевски најави стабилен откуп за оваа сезона, со просечна цена од 180 денари за килограм тутун, а за поквалитетниот над 200 денари.
Но, како и за многу работи, така и за тутунот, премиерот Груевски едно ветува, а друго остварува! Наспроти неговите најави, во семејствата на тутунопроизводителите од Општина Прилеп, кои во просек произведуваат околу 10 милиони килограми годишно, оваа сезона ќе влезат 10 милиони евра помалку!
Повторуваме, вкупно 10 милиони евра помалку за тутунарите од Прилеп, а квалитетот на годинешниот тутун е подобар од ланскиот!
Почитувани,
Тутунопроизводителите не заслужуваат вакво потценување на нивниот труд! Со ваквата ниска цена на откуп на тутунот, тутунарите не можат да ги покријат ниту трошоците за производство, а камоли да преживеат на оваа скапотија, наметната од ВМРО-ДПМНЕ!
Затоа идната влада на СДСМ ќе обезбеди навремен и редовен откуп, по заслужена цена и повисоки субвенции од сегашните!
Ви благодарам.